Македонија Пристигнаа 12 респиратори и 5.000 маски донација од ЕУ

Пристигнаа 12 респиратори и 5.000 маски донација од ЕУ

Фото: Арбнора Мемети

Како дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби, денес во Скопје пристигнаа 12 машини за асистирано дишење – респиратори, како и пет илјади заштитни маски „N95“, информираат од Секретаријатот за европски прашања. Набавката е реализирана преку агенцијата на обединетите нации УНОПС, во соработка со Секретаријатот за европски прашања.

– Овие 12 машини ќе го зајакнат капацитетот на здравствениот систем за справување со епидемијата и соодветно третирање на пациентите, што е еден од главните предизвици во справувањето со епидемијата. Во овие сложени околности и отежнати услови за набавка на овие респираторни машини, набавката и доставата на овие машини претставува огромен успех – порача Османи, упатувајќи посебна благодарност до претставниците на ЕУ во земјата, како и до администрацијата задолжена за реализација на набавката.

Респираторите кои денес пристигнаа во земјава се произведени во Јужна Кореја, а според договорот потпишан на 3 април, останува преку УНОПС да се испорачаат уште осум респираторни машини или вкупно 20. Во рамките на помошта од Европската Унија, во континуитет пристигнува медицинска и заштитна опрема согласно утврдената приоритетна листа.