Свет Балкан Приштина ќе плаќа по 50 евра месечно на луѓе што ќе вдомат...

Приштина ќе плаќа по 50 евра месечно на луѓе што ќе вдомат улично куче

Од општината велат и дека ја подготвуваат регулативата за третман на кучињата скитници во која е опфатено како може да се вдоми вакво куче, кое во секое време бесплатно ќе го лекува ветеринар во приштинскиот ветеринарен центар

Извор: Принтскрин од видео на Град Приштина

Откако пред два дена во центарот на Приштина улични кучиња искасаа двегодишно дете по лицето, градоначалникот Перпарим Рама одлучи да започне акција за отстранување на кучињата скитници од улица и нивно испраќање во прифатилишта со лиценца од косовската Агенција за ветеринарство и храна (АВУК), каде што ќе бидат соодветно третирани и потоа подготвени за посвојување, пренесоа косовските медиуми.

Исто така, надлежните најавија и дека сите кои ќе пројават интерес за посвојување кучиња ќе бидат субвенционирани со 50 евра месечно.

Почетокот на оваа акција го следеа и директорот за безбедност и вонредна состојба, Лулзим Фуштица и неколку општински советници.

„Оваа активност ќе продолжи и во следните неколку дена. Целта е кучињата да се извлечат од улица и да влезат во прифатилиште лиценцирано од АВУК, каде што ќе се третираат хумано, а општината ќе продолжи да го субвенционира прифатилиштето за кучињата што ќе ги чува, каде што ќе ги подготвиме и за посвојување“, се цитира Фуштица во соопштението на општина Приштина.

Од општината велат и дека ја подготвуваат регулативата за третман на кучињата скитници во која е опфатено како може да се вдоми вакво куче, кое во секое време бесплатно ќе го лекува ветеринар во приштинскиот ветеринарен центар.

„Ќе субвенционираме и граѓани кои се заинтересирани да вдомат кучиња. Лице што земe куче ќе се субвенционира со 50 евра месечно. Граѓаните можат да земат до 5 кучиња“, изјави директорот за безбедност и вонредни состојби, Љуљзим Фуштица.

Приштина презема бројни акции за лекување на кучињата скитници, за што досега се издвоени 1 милион и 300 илјади евра.

„Проблемот со кучињата е голем, начинот на кој досега се третираше не беше успешен. Врз основа на пресметките на невладините организации, имаме податоци за над 3.000 кучиња скитници. Кучињата ќе бидат чипирани и ќе има казни за оние семејства кои ќе ги вдомат и пак ќе ги пуштат“, рече Рама.