Македонија Прибе на предавањето во Охрид одби да даде политичкa изјавa

Прибе на предавањето во Охрид одби да даде политичкa изјавa

Германскиот експерт што го подготви извештајот за реформските приоритети кои се составен дел од Договорот од Пржино, Рајнхард Прибе, денеска во Охрид одржа предавање пред учесниците на еднонеделната Школа на природно право, која се одржува во организација на Македонската академија на науки и уметности и на Амбасадата на САД во Македонија.

Прибе во изјавата за медиуми не сакаше да даде политичка изјава и рече дека не е дојден во политичка мисија, туку да поразговара со дваесет и петте магистранти и петте докторанти на правни и на политички студии за демократските предизвици на земјата.

– Немам конкретни ниту политички пораки, се надевам дека ќе имаме отворена дискусија со учесниците на школата. Од академска гледна точка, ќе се обидам да објаснам што значи интеграцијата во Европската Унија, да помогнам тоа подобро да биде сфатено и, се надевам, ќе имаме добра дискусија – рече Прибе.

Се очекува, Прибе следните денови во Скопје да има средби со владини претставници за реформските приоритети, како и за акцискиот план на Владата за нивно спроведување.

В понеделник во Македонија доаѓа и еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, кој ќе учествува на владина седница на која ќе му бидат презентирани мерките од акцискиот план за отстранување на пречките за интеграција на Македонија во ЕУ.