Македонија Преведени се сите амандмани за Законот за јазиците

Преведени се сите амандмани за Законот за јазиците

Сите амандмани поднесени за Законот за јазиците се преведени, информираат од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Од таму велат дека амандманите за Законот за јазиците се архивирани, обработени и поставени на е-парламент и дека службата во Секторот за преведување ги превела сите поднесени амандмани.

„Службата на Собранието уредно постапуваше и постапува во рамките на своите надлежности и задолженија, сè до целосното завршување на процесот. Со оглед на големиот број амандмани, истите потребно е да се разгледаат и да се постапи по нив согласно одредбите на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, по што Законот за јазици ќе биде разгледан“, велат од кабинетот на Џафери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35.000 амандмани за Законот за јазици откако претседателот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише и го врати на трето читање во Собранието со низа забелешки.

Собранието по амандманите требаше да почна расправа минатата недела, но точката беше тргната од дневен ред затоа што амандманите не беа преведени.