Македонија Претседателот на Советот на ЕУ, Туск, в недела во Скопје

Претседателот на Советот на ЕУ, Туск, в недела во Скопје

Претседателот на Советот на Европската унија, Доналд Туск, претстојниот викенд ќе ги посети Србија, Албанија и Македонија и ќе се сретне со лидерите на трите земји, информирaат попладнево од Советот на ЕУ.

На интернет-страницата на Советот на ЕУ е објавен распоредот на средбите на Туск со лидерите на земјите, но не се наведени причините за посетата, како и тоа што ќе биде тема на разговор.

Според распоредот, Туск в сабота патува за Белград, Србија, каде ќе има средба со премиерот Александар Вучиќ, наредниот ден предвидено е да ја посети Албанија и да се сретне со премиерот Еди Рама, а во 13 часот истиот ден треба да пристигне во Македонија, на средби со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.

Својата балканска мини-турнеја претседателот на Советот на ЕУ попладнево ја потврди и на својот твитер-профил.

 

Според неофицијални информации, причина за итната посета на Туск на трите земји од регионот е бегалската криза, како и новите мерки според кои, преку границите на земјите од т.н. западно-балканска рута ќе се пропуштаат само мигранти од Сирија, Авганистан и од Ирак.