Македонија Прес-конференција на невладините организации во 12 часот во ГЕМ-клуб

Прес-конференција на невладините организации во 12 часот во ГЕМ-клуб

Во 12 часот во ГEM-клуб, претставници на невладиниот сектор и на повеќе граѓански организации ќе одржат прес-конференција во врска со клетвите, лагите и со обвинувањата упатени кон нив од претставници на „Стоп операција Сорос“.

Невладини и граѓански организации вчера испратија деманти и побараа извинување од Цветин Чилиманов, Ненад Мирчевски и од Никола Србов, кои на прес-конференција во саботата ги обвинија дека „работеле против државните и демократските интереси на Македонија, преку обиди за влијаење на предвремените парламентарни избори“.

Организациите наведуваат дека информациите што Чилиманов и Србов ги изнеле се клевети насочени кон сите организации што биле критични кон работата на институциите во Македонија.

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во својот демант вели дека „СОС дрско одработува за интересите на една политичка партија, односно се вклучува во нејзината јавно објавена агенда за пресметка со независниот и прогресивниот дел од граѓанскиот сектор“.

„Ниту фондацијата „Метаморфозис“, ниту кој било од донаторите со кои соработуваме, не финансираат ниту спроведуваат проекти базирани на партиски или идеолошки ориентации. Сите наши активности и финансиски извештаи се достапни за јавноста“, стои во дописот, со кој се бара јавно извинување.