Македонија Премиерот Ковачевски со честитка за Божиќ до верниците на Католичката црква

Премиерот Ковачевски со честитка за Божиќ до верниците на Католичката црква

фото: Влада на Република Северна Македонија

Верниците кои се водат според грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Христовото раѓање – Божиќ. Божиќ денеска го слават католичките и протестантските верници и дел од православните христијани. Празникот на овој ден го слават Вселенската патријаршија и православните цркви во Грција, Бугарија, Романија, Украина и Грузија.

По повод големиот христијански празник Божиќ кој денеска го прославуваат верниците на Католичката цркви, премиерот Димитар Ковачевски упати писмо со честитки до д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх, соопштија од Владата на Република Северна Македонија.

Во писмото и до сите верници на Католичката црква во земјава, Ковачевски пишува дека Божиќ е еден од најсветлите празници кој носи нов живот, нова надеж за подобро утре за секој човек, за секое семејство и за секој дом.

„Во изминатата година ги надминавме поголемите потешкотии кои ни ги наметна корона кризата, но се соочивме со енергетско-економска криза. Во духот на христијанските вредности, се надевам дека и овој предизвик ќе успееме да го пребродиме во наредниот период и од тоа ќе излеземе посилни, помудри и уште поподготвени да се справуваме и со нови предизвици. А за да го постигнеме тоа, потребно е заедништво, сплотеност и взаемна поддршка без која ништо не е невозможно и се е остварливо“, стои во писмото на премиерот.

Во писмото се наведува дека Божиќ е симбол на сплотеност, заедништво, љубов и раѓање на нова надеж и треба да нè потсети на семејните вредности, солидарноста и љубовта.

„Во духот на овој голем христијански празник, би сакал сите да се потсетиме на основните христијански вредности – да подадеме рака секому кому му е потребна помош, да даруваме безусловна љубов и да не заборавиме да правиме добри дела. Создавајќи заеднички вредности за нас и за нашите деца, ќе покажеме дека само обединети и сплотени можеме да одиме напред“, стои во честитката на премиерот Ковачевски.