Премиерот Никола Груевски денеска најави дека две нови странски инвестиции треба да се реализираат до крајот на овој месец.
На почнувањето на градежните работи за продолжување и за изградба на булевар, Груевски рече дека двете нови фабрики ќе вработат најмалку 500 граѓани.
– „Кап-кон“ ја отвора својата фабрика наскоро. Тоа е американска глобална компанија од автомобилската индустрија. Тие се речиси готови и многу бргу почнуваат со производство. Втората инвестиција е, всушност, втората фабрика на италијанската „Технокозе“, четирипати поголема од првата, која е во самиот финиш. Веќе почнаа некое пробно производство и наскоро ќе биде отворена оваа нова фабрика. Овие две фабрики ќе вработат најмалку 500 луѓе – изјави Груевски, додавајќи дека во текот на овој месец можно е да се официјализира и влез на уште една глобална американска компанија, која дополнително би вработила уште 500 лица.