Дописници Преку проектот „Промоција на енергетската ефикасност“ до заштеда

Преку проектот „Промоција на енергетската ефикасност“ до заштеда

Енергетската ефикасност беше тема на денешната презентација што се одржа во Штип, пред претставници на 11 општини, директорите на образовните и на други локални институции.

Според Билјана Черепналковска, консултантот на проектот, јавните објекти се едни од поголемите потрошувачи на електрична енергија, но исто така нивниот потенцијал за заштеда е најголем.

Черепналковска рече дека според статистиката, енергетски ефикасните објекти трошат третина помалку енергија.

– Со овој проект, енергетската ефикасност се поставува на едно повисоко ниво, каде што секоја општина ќе има точни податоци и точни резултати за тоа колку енергија троши, дали за јавни објекти, дали за улично осветлување, значи за сите сектори – рече Черепналковска.

Проектот е поддржан од Светска банка и од Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Општина Пехчево е една од општините од Источно-планскиот регион која е дел од проектот за зголемување на енергетската ефикасност. Преку овој проект е сменета фасадата и прозорците на детската градинка и на основното училиште „Ванчо Китанов“ од Пехчево. Поради одличните резултатите и заштедената енергија, Елица Јовевска од Општината Пехчево најави дека планираат уште реконструкција на Стариот пожарен дом.