Македонија Преговорите на партиите продолжуваат, законот за „бомбите“ виси

Преговорите на партиите продолжуваат, законот за „бомбите“ виси

По вчерашните преговори на работните групи, кои траеле до утринава, до 5 часот, денеска, во 14 часот, повторно продолжуваат средбите на претставниците на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино.

Како што дознаваме, вчера целата енергија била насочена на предложениот закон за забрана на објавување на прислушуваните разговори, а малку време партиите имале за дебата околу изборните закони. Изворите од работните групи за „Мета“ велат дека спорниот закон треба да биде повлечен, а тој да се доработи во работните групи и во догледно време да биде поднесен пред пратениците.

Пратеникот од ДУИ и подносител на предлог-законот, Талат Џафери, денеска одби да одговори на прашањето дали ќе го повлече законот и само рече дека патувајќи кон Кичево, не е во можност да разговара на таа тема.

Исто така, се дознава дека не е затворено ниту едно прашање од актуелните, како што се гласањето на дијаспората, прочистувањето на избирачкиот список, финансирањето на партиите и нивното медиумско претставување. Најавите за денеска се дека договор мора да се постигне. И покрај напорите на белгискиот олеснувач Питер ван Хојте, амбасадорот на САД, Џес Бејли, и на шефот на Мисијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, синоќа не беше постигнат договор за изборните закони.