Македонија Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат собраниска расправа за загадениот воздух

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат собраниска расправа за загадениот воздух

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија денеска во Собранието на Република Македонија поднесоа Информација за енормното загадување на амбиенталниот воздух и ќе бараат расправа на оваа тема во законодавниот дом.

Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека благодарение на актуелната власт, Република Македонија станала држава со најзагаден воздух во Европа.

– Загадувањето на воздухот во Република Македонија како никогаш досега руши рекорди. Оваа власт на чело со СДСМ и нивните функционери кога беа во опозиција ветуваа дека ќе го решат проблемот со загадувањето низ низа мерки и проекти. Но, излажаа. Очигледно е дека СДСМ загадувањето го користеше само за политички поени и дека во ниту еден момент не помислија да се прават со оваа ситуација – рече Мицевски.

СДСМ, подвлече Мицевски, мора барем еднаш да понесе одговорност и барем еднаш да покаже дека искрено се грижи за граѓаните бидејќи сега се власт и можат да реализираат се што ветуваа за подобрување на воздухот, а не да се молат да дувне ветар или да заврне дожд за да го тргне смогот што граѓаните секојдневно го дишат.

Тој додаде дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат да се одржи и јавна распава во Комисијата за транспорт, врски и екологија во врска со енормното загадување, каде што ќе бидат повикани, граѓански здруженија, еколошки здруженија, експерти и сите останати кои што можат да допринесат за да се спречи влошување на состојбата.