Македонија Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат итна седница за договорот со Бугарија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат итна седница за договорот со Бугарија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат јавна, отворена и итна седница во врска со најавата за потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија.

Пратеникот Илија Димовски на прес-конференција изјави дека пратениците во Собранието треба да го разгледаат договорот и да донесат заклучоци дали треба да се потпише во ваква форма.

– Примената на овој договор без конструктивните забелешки и предлози кои ние ги дадовме и ги споделивме со Заев, на среден и на долг рок ќе нанесе реални штети на иднината на Македонија. Договорот ќе дава јасна и легална основа соседна Бугарија да го стопира чекорењето на Македонија кон ЕУ на секој наш следен чекор на отворање или затворање поглавја од евентуалните преговори за членство во ЕУ – рече Димовски.

Тој додаде дека ним им бил претставен текст кој, според официјална Софија, не можел да претрпи никакви измени, а спротивно на тоа Заев дал збор дека текстот може да претрпи подобрувања и измени во насока на вклучување на забелешките на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски предупреди дека овие чекори на СДСМ ќе ѝ нанесат непоправливи штети за Македонија.

– Бараме договорот да се потпише со забелешките што нашите пратеници му ги укажаа на господинот Заев. Доколку СДСМ одлучи сам да оди во овој процес, без поддршка од мнозинството граѓани и без вклученост на опозицијата, тоа може да биде на целосна штета на Република Македонија и на нејзините интереси – додаде Димовски.