Македонија Повторно директорски смени во ЈСП-Скопје и Градски паркинг

Повторно директорски смени во ЈСП-Скопје и Градски паркинг

Директорските смени во скопските јавни претпријатија зачестија од крајот на 2021 година до денес

Фото: Небојша Гелевски

За помалку од две години, ЈСП-Скопје доби трет директор, додека јавното претпријатие Градски паркинг го очекува четвртиот директор што ќе биде назначен од скопската градоначалничка Данела Арсовска. Досегашниот директор на ЈП Градски паркинг, Крсте Петревски е назначен за нов директор на ЈСП-Скопје на местото на досегашниот директор Александар Стојковски. Градоначалничката допрва треба да го објави името на новиот директор на „Градски паркинг“.

Петревски доаѓа на директорската позицијата на ЈСП-Скопје како кадар на ГРОМ. Покрај Александар Стојковски, претходно од оваа позиција беше сменет и директорот Иван Илиевски.

ЈП Градски паркинг пак откога дојде градоначалничката Данела Арсовска на функција досега промени тројца директори – Филип Пасху, Бојан Христовски и Крсте Петревски.

Инаку, веднаш по доаѓањето на власт, Арсовска ги разреши и директорите на јавните претпријатија поставени од претходниот градоначалник Петре Шилегов. Во декември 2021 година беше разрешен Кристијан Чушков од директорката позиција во ЈСП-Скопје, кога беше назначен на негово место Иван Илиевски. По доаѓањето на власт на Арсовска беше разрешен и директорот Борче Јакимовски од ЈП Градски паркинг.