Дописници Повеќедневни засилени акциски контроли се спроведуваат во Штип

Повеќедневни засилени акциски контроли се спроведуваат во Штип

Извор на фотографија: МВР

Само во еден ден сообраќајната полиција изрече 114 санкции за возачите, во рамките на акциската контрола. Најчести прекршувања на законот се возење без возачка дозвола, нерегистрирани возила, а изречени се и 12 сакции за неносење маска во возилото.

-Во засилената акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Штип, спроведена на 23.09.2020 година, изречени се вкупно 114 санкции, меѓу кои, 21 за измината важност на сообраќајната дозвола (нерегистрирани возила), 20 за возење без возачка дозвола, санкционирани се 19 мотоциклисти, изготвени се 4 барања за поведување на прекршочна постапка за правни и одговорни лица, а изречени се и 12 санкции за неносење заштитна маска, соопшти СВР Штип.

Штипската полиција најавува засилени сообраќајни контроли и во наредните денови. При тоа до учесниците во сообраќајот апелира граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќај.

Од друга страна, со надоаѓање на грејната сеозна, граѓаните сè почесто укажуваат на нерешениот проблем со користењето на нерегистрирани и често и неисправни стари возила со адаптиран заден дел за транспорт на дрва од страна на дивосечачите.

Реакците се дека додека се санкционираат возачите, кои имаат помали прекршувања, сообраќајната полиција треба посериозно да се занимава со овие возачи, кои често се без возачка дозвола, во сообраќај се со неисправни возила, а се случува при обид да побегнат од полицијата, да ги загрозат прешаците и сите други учесници во сообраќајот.