Свет Европа Потврдена победата на Ван дер Белен на претседателските избори во Австрија

Потврдена победата на Ван дер Белен на претседателските избори во Австрија

Поранешниот лидер на Партијата на зелените, Александар ван дер Белен, дефинитивно е победник на претседателските избори во Австрија, пред кандидатот на екстремната десница, Норберт Хофер, соопштило денеска австриското министерство за внатрешни работи, објавувајќи ги привремените конечни резултати од изборите.

На претседателските избори, кои се одржаа во неделата, Ван дер Белен добил 53,8 отсто, додека Хофер освоил 46,2 отсто од гласовите.

Хофер го призна поразот уште во неделата доцна попладне, кога дотогаш избројаните гласови покажаа дека Ван дер Белен има голема предност.

Претходно, двајцата кандидати силите ги одмерија во мај годинава, во вториот круг од изборите, на кои со мала предност победи кандидатот на зелените. Овие избори беа поништени, поради неправилности во броењето на гласовите пристигнати по пошта.