Главна секција Потпишан Меморандум за соработка меѓу Владата и Фондацијата „Метаморфозис“ за страгегијата за...

Потпишан Меморандум за соработка меѓу Владата и Фондацијата „Метаморфозис“ за страгегијата за транспарентност

Стратегијата ќе биде резултат на регионалниот проект ACTION SEE, спроведен од „Метаморфозис“ и поддржан од Европската Унија, чија цел е да се воспостават добрите практики за транспарентност и отчетност во сите институции

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, вчера го потпишаа Меморандумот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и фондацијата „Метаморфозис“ за поддршка во креирањето и реализацијата на стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија.

Стратегијата ќе биде резултат на регионалниот проект ACTION SEE, спроведен од „Метаморфозис“ и поддржан од Европската Унија, чија цел е да се воспостават добрите практики за транспарентност и отчетност во сите институции. Стратегијата за транспарентност на Владата ќе послужи како механизам за поврзување и усогласување на сите досега донесени стратешки документи и законски и подзаконски решенија кои на директен или индиректен начин целат кон подобрувањето на транспарентноста на владините институции и ќе ја нагласи нивната обврска за транспарентност. Одлуката за подготовка на ова Стратегија e донесена на 126-та редовна седница на Владата.

Процесот на подготовка на Стратегијата за транспарентност ќе опфаќа анализа на состојбата од страна на експерти, како и формирање на работна група составена од претставници на релевантни институции и граѓанското општество, со цел да бидат вклучени сите засегнати чинители.

За сеопфатен и инклузивен консултативен процес, освен средбите на работната група, предвидени се и јавни дискусии со кои ќе се овозможи учество на претставници на државниот, граѓанскиот, приватниот сектор и научно-образовните институции.