Дигитални права Постојано да се работи на подигнување на свеста кај младите за безбедно...

Постојано да се работи на подигнување на свеста кај младите за безбедно користење на интернет

Денот за побезбеден интернет е меѓународен настан кој се одбележува секоја година во февруари со цел промовирање на побезбедно и поодговорно користење на он-лајн технологиите и мобилните телефони од страна децата и младите. Низ годините, Денот за побезбеден интернет стана исклучително важен настан за сите чинители во областа на он-лајн и дигиталната безбедност. Оваа година, 150 земји го одбележуваат овој ден по мотото „Заедно за побезбеден интернет“.

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во периодот помеѓу 4 и 6 февруари 2020 година спроведе куса анкета од три прашања на Фејсбук. Анкетата беше насочена кон младите со цел да се види моменталната свест кај нив за безбедното користење на интернет.

 

Прашањата од анкетата беа креирани за да одговорат на актуелните случувања од последниот период, а кои се однесуваат на споделување на туѓи лични податоци, споделување на податоци за цели на учество во различни он-лајн игри, однесување во вибер групи и други алатки за комуникација.

„Резултатите покажуваат дека кај испитаниците постои критичка свест за тоа како треба правилно да се реагира во ситуации кои преставуваат ризик за корисникот на интернет. Иако овие резултати се охрабрувачки, треба постојано да се работи на одржување и подигнување на свеста кај младите за безбедно користење на интернет и новите технологии,“ изјави извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Фондацијата „Метаморфозис“, преку програмата – Човекови права на интернет, се стреми да го заземе местото на водач на процесот за застапување на човековите права на интернет, помагајќи заедниците да се соочат со огромните промени кои произлегуваат од сѐ поголемото влијание на новите технологии. Метаморфозис се фокусира на заштитата на приватноста преку зајакнување на капацитетите на граѓаните, институциите и бизнис секторот функционирањето на дигиталното општество.