Македонија Порталб: Владата не одговара зошто не помогна за штетите од поплавите во...

Порталб: Владата не одговара зошто не помогна за штетите од поплавите во Тетово

Поплави во регионот на Тетово; Фото: Мета.мк

Поплавите во последните неколку дена во Тетово и околните села им предизвикаа значителни штети на жителите. Но, иако имаше барање од Кризниот штаб на општина Тетово да им се помогне на жителите околу претрпените штети, Владата на Македонија не го прифати истото. На прашањето од Порталб.мк зошто не им се помогна на жителите при ваквата непогода, тие не даваат конкретни одговори, пишува Порталб.мк.

На прашањето дали Владата не смета дека е целисходно да им помогне на жителите на општина Тетово кои претрпеа штети при оваа непогода, тие се оправдуваат вака:

„Владата секогаш помага во случај на природни/елементарни непогоди и други непогоди. Фокусот е во грижата за граѓаните и во такви случаи средби со сите, вклучително и со единиците на локалната самоуправа. Владата донесува одлука за видот и висината на помошта. Во вакви случаи општинските комисии за проценка на штети излегуваат на терен и подготвуваат записници. Потоа прават збирен извештај или извештаи и го презентираат пред владината комисија за проценка и управување со штети“.

Но, при неодамнешните поплави, помош од Владата немаше, иако имаше барање од Кризниот штаб во општина Тетово. Поточно, од Владата на Северна Македонија беше побарано да ѝ помогне на општина Тетово, да издвои средства за да можат екипите на општината да ги исчистат патиштата, коритото и да ја санираат инфраструктурата која е оштетена од дождот.

Првиот човек на општина Тетово, непостапувањето на Владата го оцени како целосна небрежност.

„Тетово не е потчинето нема да се потчини, и покрај дискриминацијата што владата го спроведува кон нас, ние ќе успееме. Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница (23.08.) воопшто не го разгледа барањето на Кризниот штаб на општина Тетово, од каде беше побарана помош за подрачјата погодени од поплавите. Неодговорната власт со вчерашната одлука (23.08.) не покажа солидарност и поддршка за граѓаните од единствена причина, загубата на локалните избори на 20 август“, изјави градоначалникот Билал Касами.

Поплавите предизвикаа значителни штети во градот, во селата Ѓермо, Мала Речица, Порој и во планинските села во тетовско. Според информациите, има десетици граѓани чии куќи се оштетени од водата.