Македонија Порталб: Одложена заедничката владина седница меѓу Северна Македонија и Косово

Порталб: Одложена заедничката владина седница меѓу Северна Македонија и Косово

Фото jorono на Pixabay

Заедничката седница меѓу владите на Северна Македонија и на Косово, што беше предвидено да биде одржана на 25 јануари е одложена поради прогласувањето на предвремените избори во Косово на 14 февруари. Ова, за Порталб.мк, го потврди портпаролот на Владата на Северна Македонија, Мухамед Хоџа, кој рече дека веднаш по формирањето на владата, ќе продолжи координацијата помеѓу страните за определување нов датум за одржување на седницата.

„Заедничката владина седница, меѓу Република Косово и Република Северна Македонија, што беше предвидено да се одржи на крајот од овој месец, нема да се реализира по барање на косовската страна, поради политичката ситуација во Република Косово, односно поради предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 14 февруари. Веднаш по завршување на изборниот процес и откако ќе се формираат институциите, ќе продолжи меѓусебната комуникација за утврдување на датум за одржување на оваа седница, во која се очекува да бидат потпишани серија заеднички договори од различни области кои се од интерес на државјаните на двете земји“, изјави Хоџа.

Понатаму, тој потврди дека во текот на седницата ќе се потпишат многу договори, меѓу кои и договорот за заеднички граничен премин меѓу Северна Македонија и Косово.

„Договорот за заедничка седница се постигна по средбата одржана помеѓу првиот вицепремиер на Република Северна Македонија, Артан Груби и вицепремиерката на Република Косово, Албулена Балај – Халимај кои изјавија дека на заедничката седница ќе се потпишат неколку договори од различни области“, рече Хоџа.

Тој не изнесе повеќе детали за другите договори што ќе се потпишат во текот на седницата.

Владата ги задолжи министерствата, до 12 декември да достават предлози за можни прашања, теми за дискусија, договори и меморандуми што ќе бидат на дневниот ред на заедничката владина седница.

Во меѓувреме, на 26-та седница на Владата на Северна Македонија се донесе одлука за одржување на заедничка седница помеѓу владите на Северна Македонија и на Косово.