Свет Свет Поранешен војник уби 26 лицa во црква во Тексас

Поранешен војник уби 26 лицa во црква во Тексас

Дваесет и шест лицa се убиени, а 20 се повредени во напад кој се случи во баптистичка црква во Тексас, соопшти денеска гувернерот на оваа сојузна американска држава.

Властите го идентификуваа напаѓачот, кој подоцна е пронајден мртов во сопственото возило. Станува збор за Девин Кели од предградието на Сан Антонио, но засега нема индикации дека е поврзан со терористичка група, а во тек е истрага за објавите кои Кели ги имал на социјалните мрежи.

Меѓу убиените е и 14-годишната ќерка на пасторот на црквата.

Вооружениот Кели мирно влегол во црквата за време на службата и отворил оган. Меѓу настраданите има и деца. Засега не е познат мотивот за нападот, а во истрагата се вклучени и агенти на ФБИ.

Военото воздухопловство на САД соопшти дека Девин Кели претходно бил отпуштен од војската поради наводен напад на својата сопруга и на сопственото дете. Портпаролката на военото воздухопловство, Ен Стефанек, рече дека Кели по воениот суд во 2012 година минал 12 месеци во домашен притвор, а потоа е отпуштен поради лошо однесување.