Свет Европа Поради пожар, исклучен нуклеарен реактор во Белгија

Поради пожар, исклучен нуклеарен реактор во Белгија

Белгиски нуклеарен реактор во електрана на истокот од земјата, е исклучен откако избил пожар во дел од електраната, соопшти енергетската компанија „Електрабел“.

Компанијата наведе дека реакторот „тианж 1“, автоматски е исклучен синоќа откако избил пожарот во областа над нуклеарната зона, во погонот за снабдување на фабриката со електрична енергија.

Затворањето на реакторот, како што информираше компанијата, е дел од нормалната процедура во такви ситуации.

Тим стручњаци веќе работат на утврдување на причините за пожарот, а реакторот најверојатно ќе почне со работа во вторник.

„Тианж 1“ е најстар од трите реактори во таа фабрика. Отворен е во 1975 година и требало да биде затворен годинава, но белгиската влада во 2012 година одлучила да биде активен до 2025 година.