Подглавна секција Популизмот не им носи многу гласачи на големите партии во Европа

Популизмот не им носи многу гласачи на големите партии во Европа

Ново истражување ги предупредува популарните партии да не усвојат крајнодесничарски политики во обид да привлечат гласачи, бидејќи истите гласачи не се усогласени во своите ставови и нема да веруваат во мејнстрим политичарите и да ги кажуваат истите работи како крајнодесничарските политичари

Photo by Christian Lue on Unsplash

Популистичките крајнодесничарски партии во земјите на Европската Унија (ЕУ) немаат усогласени ставови и е бесполезно поголемите партии да си ги адаптираат своите политики за да ги усвојат нивните гласачи, покажува нова студија спроведена од организацијата „Европски совет за странски односи“.

Во студијата се забележува усвојување на крајнодесничарски политики од поголемите партии, особено во однос на миграција, во обид да се освојат гласачите на поекстремните партии. Но, студијата предупредува против ваквото адаптирање на политиките на една партија, бидејќи резултатите на нивните анкети покажуваат дека миграција не е толку важен проблем за гласачите на крајнодесничарските партии колку што можеби се чини.

Дополнително, студијата покажа дека на тие кои гласаат за крајнодесничарски партии им е поважно од кого слушаат некоја порака отколку нејзината содржина. Односно, без разлика што и да кажат лидерите на попопуларните политички партии, гласачите за крајно десничарските партии ќе се сомневаат во нивните зборови и мотиви и ќе им веруваат на тие политичари кои се поставуваат вон границите на популарната политика.

Студијата исто покажа дека „фалење“ за успесите на ЕУ при справувањето со кризи, како ковид пандемијата, мигранстксата криза или војната во Украина, исто така најверојатно нема да се покаже како успешна стратегија за популарните европски партии. Ова се должи на разликата меѓу перцепцијата за успехот на справување со овие кризи меѓу политичарите и граѓаните – незадоволноста кај дел од граѓаните при справувањето со овие кризи станува дел од нивниот политички идентитет.

„Во врска со ковид кризата, постои значителен јаз помеѓу самоперцепцијата на ЕУ дека успешно се справила со неа и перцепцијата на голем дел од европската јавност. Само во Португалија и Шпанија повеќе луѓе мислат дека ЕУ имала попозитивна улога отколку негативна во одговорот на пандемијата. Не направивме анкета за националните политики, но нашето чувство е дека решителноста на владите – како оние во Франција, Австрија и Холандија – кои притискаа за полициски часови и задолжителни вакцини создаде приврзаност со десничарски политики кои ја истакнуваат личната слобода“, пишува во студијата.

Конечно, студијата покажа дека ставовите на гласачите не се усогласени на фундаментални проблеми, како останувањето во ЕУ. На пример, само 18 отсто од поддржувачите на унгарскиот премиер Виктор Орбан сметаат дека една од неговите главни цели излегувањето од ЕУ, додека 49 отсто од поддржувачите на други партии сметаат дека повлекувањето од ЕУ е една од главните приоритети на Орбан.

Студијата исто истакнува како одредени партии, како Браќата на Италија, се ублажуваат во своите ставови, додека други, како ПиС во Полска, се радикализираат во своите ставови.

Студијата заклучува дека всушност не постои усогласеност во крајнодесничарскиот фронт кој се очекува да доминира на претстојните европски парламентарни избори. Ова претставува проблем за иднината за глаткото носење одлуки во Eвропскиот парламент, но и укажува на бесполезноста од тоа поголемите партии да усвојуваат крајнодесничарски политики.

Студијата препорачува поголемите партии да се фокусираат на тоа да ги мотивираат граѓаните воопшто да гласаат и да не се фокусираат на миграција туку на проблеми како работнички права, за да привлечат гласачи кои се преморени и демотивирани од дискусиите околу популарни контроверзни проблеми.