Македонија Попоски се сретна со амбасадорката на Белгија во Македонија

Попоски се сретна со амбасадорката на Белгија во Македонија

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Белгија во Република Македонија, Аник ван Калстер. Попоски изрази длабоко сочувство за семејствата на сите загинати и повредени во терористичките напади во Белгија и најостро ги осуди нападите.

„По терористичките напади во Брисел, на аеродромот „Завентем“ и во метрото во Брисел, и по воведувањето на највисокото ниво на безбедност од ниво четири на целата територија на државата, специјални мерки се воведени на сите железнички станици во Белгија. Мерки се воведени во метроата, пристаништата, аеродромите, нуклеарните централи и на сите други стратешки места. Сите македонски дипломати што работат на територијата на Кралството Белгија се безбедни, а сите дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија и покрај зголемените безбедносни мерки и рестрикции, работат непречено. Во согласност со досегашните информации на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, нема загинати и повредени македонски државјани“, стои во соопштението од МНР.

Покрај терористичките напади во Брисел, во фокус на разговорите помеѓу Попоски и Калстер биле и меѓусебната соработка, евроинтегративниот процес на Република Македонија и мигрантско-бегалската криза.