Македонија Попоски: Договорот е жив, а СДСМ го има луксузот да одбере кога...

Попоски: Договорот е жив, а СДСМ го има луксузот да одбере кога ќе оди на избори

Заменик-претседателот на Владата на Македонија и министер за надворешни работи, Никола Попоски, денеска оцени дека Договорот од Пржино е жив и оти тој продолжува да претставува единствен излез од политичката криза.

– Мислам дека имаме политички договор, тој политички договор останува жив и претставува начин за пребродување на оваа политичка криза, што подразбира и организирање избори во согласност со условите што се утврдени со тој политички договор – оцени Попоски, одговарајќи на новинарско прашање дали по лидерската средба на 31 август, на која треба да се утврди договореното, може да се очекува техничка влада со СДСМ.

Попоски повтори дека владејачката коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, има јасни ставови за договорот и за неговото реализирање, но оти целосната имплементација на договореното зависи од СДСМ.

– Ставот на владината коалиција е јасен и тој е дека најголемата опозициска партија има можност, привилегија и луксуз да одбере во кој момент ќе се чувствува подготвена за соочување со демократски избори – рече Попоски.