Свет Европа Полскиот парламент го донесе новиот закон за Уставниот суд

Полскиот парламент го донесе новиот закон за Уставниот суд

Полскиот парламент денеска го усвоил новиот закон за Уставниот суд, во обид да ја одблокира работата на оваа важна институција, јавуваат светските агенции.

Поради контроверзните реформи во Уставниот суд, кои предзвикаа парализа во неговата работа, конзервативната полска влада, во која мнозинството го има Партијата на правото и правдата, беше остро критикувана од Европската Унија и од НАТО.

Парламентот денеска со мнозинство гласови го усвоил новиот закон, кој владата на премиерката Беата Шидло го претставила како компромисно решение на кое инсистира Европската комисија.

Со донесувањето на овој закон, како што пренесуваат медиумите, треба да заврши проценката на функционирањето на правниот систем во Полска, која Европската комисија ја почна во јануари годинава токму поради контроверзните реформи во Уставниот суд.

Реформите во Уставниот суд, поради кои Полска беше критикувана не само од Европска Унија, туку и од Советот на Европа, Обединетите нации, САД и од меѓународната организација на правници, според медиумите, се дел од потезите со кои Партијата на правото и правдата и премиерката Беата Шидло сакаат да ја зацврстат својата власт по победата на изборите во октомври минатата година.