Хроника Полицијата ги истражува случаите за двете безживотни тела пронајдени во Прилеп

Полицијата ги истражува случаите за двете безживотни тела пронајдени во Прилеп

Две безживотни тела вчера попладне биле пронајдени на две различни локации во Прилеп, соопшти полицијата. Како што информираат оттаму, околу 16 часот, на улицата Трајко Николовски, кај гаражите на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, бил пронајден машки леш во фаза на распаѓање.

Еден час подоцна, во куќа на улицата Александар Македонски, била пронајдена почината 64-годишната Л.Ј. од Прилеп.

Претходно, Е.Т.Ш. пријавила дека повеќе денови не можела да стапи во контакт со нејзината тетка. Полициски службеници, со асистенција на екипа на локалната противпожарна бригада, насилно ја отвориле влезната врата од куќата и внатре ја пронашле почината жена.

Како што пренесува „Телма“, според првичните информации од Итната медицинска помош, чии лекари ја констатирале смртта, врз телото на жената имало траги на насилство. Жената била мртва најмалку една недела.

Во двата случаи, јавен обвинител наредил обдукција на телата, која треба да ги утврди причините за смртта на мажот и на жената.

Прилепската полиција презема мерки за расчистување на двата случаи.