Македонија Политичари, градоначалници и директори делеа ружи по повод 8 Март

Политичари, градоначалници и директори делеа ружи по повод 8 Март

Честитки и пораки по повод 8-ми Март, меѓународниот ден на жената, денеска пристигнаа од голем број министри, државни функционери, политички партии, градоначалници, директори на јавни претпријатија

Фото: Општина Аеродром

Честитки и пораки по повод 8-ми Март, меѓународниот ден на жената, денеска пристигнаа од голем број министри, државни функционери, политички партии, градоначалници, директори на јавни претпријатија.

Во честитката на премиерот Димитар Ковачевски се вели дека жените секој ден заслужуваат оризнане за нивната храброст.

„Денеска го одбележуваме 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената, првиот од 365 дена борба за економска, политичка и социјална еднаквост на жените.
Жените заслужуваат признание за нивната храброст, упорност, достоинство и борбеност на сите фронтови. И тоа не само на овој ден, туку секој ден. Токму затоа, целосно и безрезервно ги поддржувам во напорите за препознаеност на нивната безвременска улога во општеството, каде, рамо до рамо, со мажите, остваруваат огромни успеси во различни сфери и со своите способности, вештини и квалитети ги бришат границите и препреките за наредните генерации. Одлучни и силни жени се двигатели на општеството“, се вели во пораката на Ковачевски.

По повод 8 Март, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака:

„Доколку сакаме да изградиме модерно, отворено и демократско општество потребно е да направиме повеќе за еднаквите можности на жените и мажите, а нерамноправноста, дискриминацијата и шовинизмот да ги оставиме во минатото. Жртвите на родово-базирано насилство мора да добијат правда. Треба гласно и одлучно, и стратешки и тактички, да се бориме против родово-базираното насилство, за кое мора секогаш да има праведна разрешница“, се вели во пораката.

Министерот за економија Крешник Бектеши во честитката објавена преку социјалните мрежи вели дека треба секојдневно да се дејствува против родовата стереотипизација. Тој изјави дека во организациските единици во Министерството за економија вкупно 66 проценти од раководните позиции во кои спаѓаат државни советници, раководители на сектори, раководители на оделенија, се жени.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, честитајќи го празникот, изјави дека во рамки на МВР 48 проценти од раководните позиции им се доверени на жени.

„Така, жените се на раководни позиции на Оддели како помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија, жените се вклучени и во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, жените ги покажуваат своите врвни професионални перформанси во Одделот за воздухопловни единици и Единицата за интервентна полиција, што порано не беше случај“, рече Спасовски.

Градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски заедно со претседателот на советот Дејан Митески утрово се сретнаа и го честитаа празникот на жените кои се дел од комуналните служби.

Фото: Општина Аеродром

„Утрово се сретнав со жените кои дел од комуналните служби во општината Аеродром, се заблагодарив за трудот и личниот придонес кој тие го даваат почиста и поубава општина. Нивната работа е од витално значење за средината во која живееме, и ниту една наша цел поврзана со здравата и животна средина нема да биде остварлива без нивната поддршка“, напиша Муцунски на својата Фејсбук страна.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, пак, заедно со претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска, го посетија Домот за стари лица „Зафир Сајто“ – Куманово.

Фото: Општина Куманово

„Општинскиот женски тим претставува значајна нишка во нашата институција, која успешно раководи и функционира, носејќи важни одлуки и решенија. На сите припаднички на понежниот пол им посакувам среќен и успешен ден, со желба за нови успеси на приватен и професионален план, сплотеност и заедништво, кои водат кон нови успешни денови“, рече Димитриевски.

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска го одбележаа Меѓународниот ден на жената-8 Март подарувајќи им по еден цвет на илјада жени од сите населби во градот Скопје.

Фото: ЈП Комунална хигиена

„Денешниот ден го поминав во друштво на единствените жени-вработени во ЈП Комунална хигиена-Скопје коишто се задолжени за одржување на хигиената на јавните и сообраќајните површини во градот Скопје. Сметам дека токму храброста да ја одберат и достоинствено да ја извршуваат оваа професија ги прави посебни и дека заслужуваат огромна почит од страна на сите жители на нашиот град“, изјави в.д.директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски им поделија рози на жените во Дебар Маало и Буњаковец.

Фото: Општина Центар

„Вие сте столбови на семејствата, но истовремено и суштински дел од политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот во секое општество. Затоа го заслужувате секое признание за вашата храброст, истрајност, достоинство и посветеност. Ви ги честитам успесите, бидејќи вашите секојдневни достигнувања се пресликуваат врз македонското општество, правејќи не сите нас горди. Останете трудољубиви и борбени за вашата видливост и признавање на успесите“, порача Герасимовски.

Честитки по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, пристигнаа и од голем број политички партии.

Под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“, денеска на плоштадот „Филип II“ во Скопје, ќе се одржи марш за женски права организиран од Платформата за родова еднаквост.