Економија Подобри услови за фирмите и помали трошоци ќе се обезбедат со дел...

Подобри услови за фирмите и помали трошоци ќе се обезбедат со дел од 420 милиони евра од Светска банка

Подобри услови за фирмите и помали трошоци за стопанисување ќе обезбедат дел од проектите од Рамката за партнерство во износ од 420 милиони долари, од Светска банка, информираат од Министерство за финансии.

Преку нив, ќе се намалат увозните и извозните трошоци на фирмите, а исто така ќе се обезбеди поврзување на домашните фирми со странските инвестиции.

„Светска банка оценува дека трошоците за трговија за фирмите во регионот ќе се намалат за околу 10 отсто со Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Проектот е дел од Рамката за партнерство со Светска банка и денес е одобрен од Бордот на директори на Банката. Вкупната вредност на проектот е 140 милиони долари, од кои за првата фаза се предвидени 90 милиони долари. Од нив 30 милиони долари се за Република Северна Македонија, додека за Србија 40 милиони и за Албанија 20 милиони долари“, се вели во соопштението.

Проектот, инаку, се состои од четири компоненти. Првата компонента се однесува на олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан преку едношалтерско решение и модернизација на царината. Втората на подобрување на транспортната ефикасност преку развој на Интелигентен транспортен систем-ИТС на дел од Коридор 10. Третата компонента се однесува на подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и четвртата за имплементација на проектот.