Главна секција Почнува комисиската расправа за Законот за употреба на јазиците

Почнува комисиската расправа за Законот за употреба на јазиците

Собраниската комисија за европски прашања денеска ја почнува расправата за Законот за употреба јазиците. Законот, кој предвидува проширена употреба на албанскиот јазик, е „со европско знаменце“, што значи дека ќе се носи по скратена постапка.

Станува збор за еден од клучните закони на владејачката коалиција, чие донесување беше дел од преговорите меѓу СДСМ и коалиционите партнери од албанскиот блок.

– По 16 години, постигнавме меѓуетнички консензус преку партиите што ги претставуваат македонската и албанската заедница, да најдеме начин да го усогласиме различното интерпретирање на членот 5 од Уставот и последното отворено прашање од Рамковниот договор да го затвориме – изјави неодамна вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

Тој најави дека ќе бара поддршка за Законот и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е добра можност за опозициската партија „да го ревидира ставот во однос на Албанците“.

Инаку, за денеска не е закажана пленарна седница, а пред матичните комисии, како што е најавено, треба да се најдат законот за издавање ваучери за студенти за набавка на компјутери, предложен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, и законот за укинување на радиодифузната такса на предлог на пратениците на СДСМ. Двата закони се во скратена постапка.

Вчера почна расправата во Собранието за распишувањето оглас за именување нов државне јавен обвинител. Расправата по оваа точка помина во говори на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го обвинија владејачкото мнозинство дека незаконски, спротивно на членот 8-а од Изборниот законик, сака да го протурка именувањето на новиот државен јавен обвинител.

Продолжението на седницата собранискиот спикер Талат Џафери го закажа за утре во 11 часот.