Македонија Почна протестот на движењето „Беса“

Почна протестот на движењето „Беса“

Неколку стотини граѓани попладнево во паркот во Чаир излегоа на протестот, организиран од движењето „Беса“.

Според организаторите, станува збор за сеалбански протест на кој „се бара оставка од владата на Никола Груевски и на Али Ахмети, расветлување на сите албански вистини во Македонија и нов договор во државата“.

Демонстрантите носат албански знамиња и извикуваат „Долу влада“, пренесува „Тетовасот“.

Како што пренесува порталот „МКД.мк“, на улиците по кои се движат демонстрантите има зголемо полициски присуство и на секои 15-20 метри има по едно полициско возило. Меѓу присутните има лица од сите возрасти, од деца до повозрасни граѓани. Поголемиот дел од демонстрантите се облечени во црвени маички.

Како што е предвидено, маршот треба да заврши на мостот Гоце Делчев, во близина на Владата, од каде ќе бидат упатени пораките и ќе се одржат говори.

На протестот присуствуваат и граѓани од другите градови, кои во Скопје пристигнале организирано, со автобуси.