Свет Почина кралот на Саудиска Арабија

Почина кралот на Саудиска Арабија

Кралот на Саудиска Арабија, Абдула бин Абдулазис, почина на 90-годишна возраст по кратко боледување, соопшти доцна синоќа саудиската државна телевизија.

Веста доаѓа откако кралот беше хоспитализиран на 31 декември минатата година, поради пневмонија, а неколку дена подоцна беше објавено дека неговата сосотојба се подобрува.

Гласини дека кралот е починат кружеле на социјалните мрежи уште пред саудиската телевизија да почне да емитува стихови од Куранот, што често се знак за лоши вести, по што била објавена веста, пренесуваат светските медиуми.

Него ќе го наследи неговиот полубрат, принцот Салман.

Претседателот на САД, Барак Обама изразувајќи сочувство, ја поздрави посветеноста на кралот Абдула на одржувањето и на зближувањето на односите меѓу САД и Саудиска Арабија, а британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека „тој ќе биде запаметен по долгите години поминати во служба на кралството и по неговите заложби за мир и за зајакнување на толеранцијата меѓу верите“.