Главна секција По „Пуч“, Заев комуницира преку WhatsApp и Viber

По „Пуч“, Заев комуницира преку WhatsApp и Viber

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги користи апликациите за инстант пораки WhatsApp и Viber во одржувањето на секојдневната комуникација, а помалку мобилниот телефон.

Заев, на прашање на „Мета“, дали тој и неговите колеги од опозицијата, по добивањето на материјалите од „бомбата“ се воздржуваат од користењето на мобилните телефони, вели дека „ниту помалку, ниту повеќе“ го користи телефонот, но комуникацијата најмногу му се одвива преку апликациите за инстант пораки.

– Секојдневната комуникација е неопходна, како за другите граѓани така и за мене, а за тоа најчесто ги користам WhatsApp и Viber. Тоа е така веќе неколку месеци наназад бидејќи од порано ги имав материјалите од прислушувањата. Верувам дека и меѓу граѓаните по објавувањето на снимките постои воздржаност за користење на мобилната телефонија, поради некој внатрешен порив – изјави Заев за „Мета“.

Инаку, апликацијата за инстант пораки WhatsApp користи енкриптирана заштита на комуникацијата што се одвива преку апликацијата, што ја прави потешка за следење од трети страни.

По нападите во сатиричниот магазин „Шарли ебдо“, една од мерките за контраодговор на исламистичките радикали што ја форсираше британскиот премиер, Дејвид Камерон, беше да се симне енкрипцијата токму на апликацијата WhatsApp, која терористите ја користеле за меѓусебна комуникација.

Снимките што СДСМ ги објави досега, како што посочи и партискиот лидер, се прислушувани разговори преку мобилната мрежа, за што тој посочи дека мобилните оператори сносат дел од одговорноста за следењето на комунакциите меѓу актулени и поранешни министри во Владата, политичари, новинари…

Сепак, по ова се наметнува прашањето дали покрај мобилната биле следени и комуникациите во фиксната мрежа, а со тоа и на интерент.

Заев не сакаше да ги коментира овие прашања, односно да потврди или да демантира дали имаат докази и за такви следења на комуникацијата.

– Не би сакал да коментирам ништо околу тоа бидејќи не би сакал да им давам на противниците поповолна позиција. Сè што имаме ќе објавиме – рече Заев за „Мета“.

Покрај мобилната и фиксната телефонија, граѓаните на Македонија сè повеќе ја користат бесплатната мрежа Viber, чиј сопственик е „Фејсбук“.

На 19 јануари, премиерот Никола Груевски се сретна со извршниот директор на компанијата „Вајбер“ (Viber), Талмон Марко, директорот за технолошки развој на компанијата, Игал Магазник и Хирато Шинатро од компанијата за интернет-трговија „Ракутен“.