Македонија По примерот со Србија, наскоро ќе имаме заеднички гранични премини и со...

По примерот со Србија, наскоро ќе имаме заеднички гранични премини и со Косово

Определен е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во име на Владата на Република Северна Македонија да го потпише Договорот, стои во владиното соопштение

Од почетокот на заедничката гранична контрола на Прешево-Табановце во 2019 година; Извор на фотографија: Влада на Србија

Македонија и Косово наскоро планираат да воспостават заеднички гранични премини налик на оној меѓу Табановце и Прешево којшто веќе подолг период функционира со Србија. Станува збор за два заеднички гранични премини: „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“.

Владата на денешната седница го разгледала и усвоила Извештајот за извршените преговори со косовската влада, а го прифатила и усогласениот текст на Договорот меѓу двете влади за воспоставување на заедничките гранични премини, информираат од владината прес-служба.

„Определен е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во име на Владата на Република Северна Македонија да го потпише Договорот“, стои во владиното соопштение.

Целта на склучувањето на договорот е воспоставување заеднички гранични премини: „Јажице – Глобочица“ – за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила, влез и излез на товарни моторни возила и „Блаце – Елез Хан“ – за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и стоки.