Свет Европа По нападот на аеродромот, неколку експлозии и во метро-станици во Брисел

По нападот на аеродромот, неколку експлозии и во метро-станици во Брисел

По нападот на бриселскиот аеродром утрово, некои медиуми пишуваат за експлозии што се случиле и во неколку метро-станици во Брисел неколку минутни пред 8 часот.

Белгиските власти потврдија дека сите метро-станици во Брисел се затворени по објавите за експлозии на неколку станици.

Од бриселската противпожарна служба за „Ен-би-си“ изјавиле дека имало најмалку четири различни експлозии во метро-станици.

Од бриселскиот аеродром преку официјалниот твитер-профил потврдија дека на аеродромот имало две експлозии и дека зградата се евакуира. Оттаму соопштија дека сите летови се откажани и ги повикаа луѓето да не доаѓаат. На патниците кои сè уште се на аеродромот им порачале да останат мирни и да чекаат понатамошни информации.

Најмалку 17 лица загинаа, а десетици се ранети во двете експлозии што утринава одекнаа на бриселскиот аеродром „Завентем“.

Белгиски владини извори јавуваат дека станува збор за напад, а портпаролката на белгискиот аеродром, Анке Франсен, изјави дека има повеќе повредени.

– Можеме да потврдиме дека имаше две експлозии во халата за полетување. Ги повикавме итните служби и тие им укажуваат прва помош на повредените – рече Франсен.

Аеродромот во моментов е затворен, а последниот лет бил во 7.55 часот кон Мадрид.