Македонија Платформата за родова еднаквост со поддршка за негувателките во Струга кои работат...

Платформата за родова еднаквост со поддршка за негувателките во Струга кои работат за мизерни плати

Надомест од 5.000 или 10.000 денари е премал и ако се земе предвид фактот дека минималната синдикална кошничка за декември изнесуваше над 56.000 денари“, велат од Платформата за родова еднаквост

Фото: МТСП

Организациите кои се дел од Платформата за родова еднаквост изразуваат силна загриженост за случувањата во општина Струга, каде што негувателките работат со договор на дело за надомест кој е двапати помал од минималната плата, а речиси четири пати помал од официјалната просечна плата за декември 2023 година.

Дополнително, велат од организациите, скандалозен е и фактот дека им се заканува намалување за надоместот и од нив се очекува да работат за 5.000 денари месечно.

„Договорот на дело значи дека овие работнички немаат платени придонеси, немаат здравствено осигурување, а се изложени и на ризик од сиромаштија во иднина бидејќи нема да остварат право на пензија. Дополнително, надомест од 5.000 или 10.000 денари е премал и ако се земе предвид фактот дека минималната синдикална кошничка за декември изнесуваше над 56.000 денари“, велат од Платформата.

Исто како и во домот, додаваат оттаму, и на пазарот на трудот работата поврзана со грижа за деца паѓа на грбот на жените.

„Воспитувачките и негувателките во градинките се екстремно важни за здрав раст и развој на најмладите членови на општеството и за градење на следната генерација. И покрај непроценливата грижа и љубов што ја даваат, разочарувачки и засрамувачки е да се види дека нивните плати остануваат меѓу најниските во земјата. Овој јаз во плати е навреда за жените и за професијата и дрзок потсетник на системската дискриминација и родовата нееднаквост кои се навлезени во сите пори на нашето општество“, се вели во реакцијата на Платформата.

Оттаму велат дека затворањето на градинка би имало непропорционални последици врз мајките кои работат и ќе ги ограничи нивните можности за работа и за финансиска поддршка на семејството.