Македонија Платформа за родова еднаквост: Уште еден фемицид поради непостапување на институциите

Платформа за родова еднаквост: Уште еден фемицид поради непостапување на институциите

Згрозени од најновиот случај на фемицид, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, се сомневаме дека институциите не постапиле според своите надлежности и бараме да се утврди одговорност, реагираат од Платформата за родова еднаквост

Photo by Maxim Hopman on Unsplash

Згрозени од најновиот случај на фемицид, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, се сомневаме дека институциите не постапиле според своите надлежности и бараме да се утврди одговорност, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

Реакцијата следува по бруталниот настан вчера, кога 59-годишниот У.Р., рано изутрината уби жена пред нејзината семејна куќа. Тој на 46-годишната Т.М. ѝ нанел повеќе од 40 убоди со нож. Жената претходно, во јули годинава, го пријавила убиецот за уцена.

„Ова не е ниту трагичен случај, ниту е немил настан, туку е убиство на жена – фемицид и е најсериозниот вид на родово базирано насилство. Дали институциите постапиле? Очигледно дека жртвата не добила соодветна заштита и дека системот на заштита потфрлил, особено заради тоа што видовме дека повеќе пати било пријавувано од страна на жртвата. Во каков однос биле осомничениот и жртвата во овој случај воопшто не е значајно затоа што станува збор за родово базирано насилство“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Ова, според Платформата, отвора сомнеж за тоа дали соодветно и со должно внимание било постапувано од страна на институциите и дали пријавите што ги поднела жртвата биле третирани како пријави за родово базирано насилство и дали биле преземени сите соодветни мерки, како од полицијата (зато што жртвата пријавила во полиција), така и од обвинителството, но и од центарот за социјални работи, како институции кои што треба да пружат заштита на жртвите на родово базирано насилство.

Од таму потсетуваат дека пред само еден месец се случи фемицид и во Куманово со две жртви кои исто така неколку пати пријавувале насилство, но и во тој случај институциите не реагирале со должно внимание, навремено и според своите надлежности.

„Сето ова покажува дека нивото на свесност и на знаење сè уште е ниско и дека навистина има потреба од зголемување на капацитетите на институциите да постапуваат во овие случаи, затоа што повторно се случува фемицид и веќе не смееме повторно во иднина да се соочуваме со овој проблем“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Од таму додаваат дека неажурноста на институциите значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството, што пак директно ја зголемува веројатноста насилството да кулминира со убиство.

Притвор за кочанчанецот кој вчера уби жена со 40 убоди од нож