Македонија Петнаесет работници лани загинале на работните места

Петнаесет работници лани загинале на работните места

Утре, на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во паркот на улицата Пандил Шишков во општина Аеродром ќе бидат засадени 15 дрвца, колку што изнесува бројот на загинатите на работните места во текот на 2023 година

Извор на фотографија: Soeren Stache/DPA

Утре, в недела, на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во паркот на улицата Пандил Шишков во општина Аеродром ќе бидат засадени 15 дрвца, колку што изнесува бројот на загинатите на работните места во текот на 2023 година, информираат од Македонското здружение за заштита при работа.

Во фокусот на овогодинешното одбележување е влијанието на климатските промени врз работните места и потребата за градење на посоодветни системи за безбедност и здравје при работа за заштита на здравјето на работниците.

„Податоците за 2023 година потврдуваат дека се гине на работните места! Во нивна чест и сеќавање, лани на 28 април, го започнавме проектот за создавање на најмалиот парк на светот, во кој ги посадивме фиданките од дрвцата во спомен на загинатите работници во текот на претходната календарска година. Тоа ќе го повториме и годинава“, соопштија од Македонското здружение за заштита при работа.

На 28 април се одбележува Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, кој е воедно е и Меѓународен ден на комеморација и споменување на сите работници кои своите животи ги губат поради повреди на работа и професионални болести.