Македонија Петмина загинати во судир на „рено 5“ и камион за ѓубре кај...

Петмина загинати во судир на „рено 5“ и камион за ѓубре кај Драчево

Во тешка сообраќајна несреќа што се случила во близина на Драчево 15-тина минути пред полноќ, загинале пет лица кои биле во автомобил што удрил во камион за ѓубре.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство Скопје, дежурен јавен обвинител извршил увид и според првичните сознанија, автомобилот „рено 5“ со скопски регистарски таблички во коj се превезувале жртвите од непознати причини преминал на спротивната лента на коловозот и директно се судрил со камионот за превоз на отпад.

Од здобиените повреди починале сите патници во автомобилот, тројца мажи и две жени.

Надлежниот јавен обвинител издал Наредба за обдукција на телата на починатите, а ќе се врши и сообраќајно-техничко вештачење за да се утврдат причините за несреќата.