Галерија Перформанс „Македонија вселува – 50 луѓе во 40 квадратни метри“

Перформанс „Македонија вселува – 50 луѓе во 40 квадратни метри“

Десет лица затворени во тоалет, уште десет на трпезариска маса наменета за четворица, 20 луѓе седнати на тросед – ваква беше сликата денеска во импровизираниот стан од картон и од стиропор поставен во непосредна близина на улицата Максим Ѓорѓија (Максим Горки). Со овој перформанс, граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“ покажаа како изгледа кога 50 луѓе се сместени во стан од 40 квадратни метри, алудирајќи на гласачите од Пустец од последните избори.

– „Македонија вселува – 50 луѓе во стан од 40 квадратни метри“ е проект на властите во државата, со кој се вршела интервенција во избирачкиот список и за чие извршување противзаконски се здружувале министри, судии, вработени во државната администрација и други јавни функционери. Овој проект е поигрување со здравиот разум на сите граѓани од Македонија, но и газење врз чувствата и врз достоинството на Македонците од Пустец – велат учесниците во перформансот.

Од граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“ велат дека оваа слика е причина повеќе да не се дозволи да се организираат избори пред да се заврши со темелна проверка и со прочистување на избирачкиот список и пред да се направат другите реформи што ќе обезбедат фер и слободни избори.

– Овие задачи не е можно да се завршат до 24 април, оваа слика е причина повеќе да испратиме апел до Специјалното јавно обвинителство да продолжи посветено со својата работа, но и апел до надлежните судии да се воздржат од политички одлуки и непристрасно да постапуваат по пријавите на СЈО – велат активистите.

По завршувањето на перформансот, граѓаните „послушно, рака под рака, отидоа на гласање“.