Македонија Пендаровски: Не се очекува ескалација во Косово, а во однос на дојавите...

Пендаровски: Не се очекува ескалација во Косово, а во однос на дојавите за бомби децата во училиштата се безбедни

Фото: Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија

Претседателот Срево Пендаровски рече дека не гледа причина да се паничи народот и да го свикува Советот за безбедност во врска со ситуацијата во Косово. А, за лажните дојави за бомби смета дека институциите си ја вршат работата и учениците се безбедни во училиштата.

Пендаровски на денешното предавање кое во рамки на проектот „Лице в Лице“ го одржа на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип рече дека последниве денови повторно се актуелни тензиите во северниот дел на Косово и дека во таа насока добива прашања дали размислува за свикување за Советот за безбедност.

Претседателот појасни дека таму постои мисија на НАТО каде што ние имаме 65 војници во последниве 2 години, заедно со уште 20-тина нации кои учествуваат и дека во разговор со командантот на таа мисија добил уверување дека нема да се случи ескалација од било која страна.

„Затоа, не гледам причина да се паничи народот и да го свикувам Советот за безбедност. Таму има мисија на НАТО која ги има сите овластувања и двете страни од тој потенцијален спор ја почитуваат мисијата на НАТО“, рече Пендаровски.

Во однос на дојавите за бомби, претседателот Пендаровски, изјави дека компјутерскиот криминал тешко се докажува и дека е потребно време, но дека од аспект на преземените оперативни мерки, децата во училиштата се безбедни, дека постои 24 часовен мониторинг врз училиштата и институциите и дека надлежните ги преземаат сите потребни активности.

„За судски завршници мислам дека ќе почекаме и ќе биде потешко, но во однос на конкретните мерки за заштита на нашето население јас сум сигурен дека во рамки на нашите надлежности и можности правиме сè што можеме“, изјави претседателот Пендаровски.

Претседателот пред студентите кои следат настава по предметите Политички систем и Теорија на држава и право говореше на тема „Практични аспекти на надлежностите и функционирањето на Претседателот на Република Северна Македонија“.

Тој ги запозна студентите со условите и начинот на избор, надлежности на институцијата, неговите права и должности пропишани со Уставот и законите. Исто така, претседателот одговараше и на прашања од студентите за повеќе аспекти од неговата функција, законската регулатива, како и за актуелните состојби во државата и регионот.

Претходно одржа средба и со ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски, кој стапи на функцијата оваа година. На средбата, претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната работа на универзитетот, како и плановите за активности во следниот период. Претседателот Пендаровски на ректорот Мираковски му посака успешно извршување на функцијата.