Економија Пемова: Да престане увозот на праски и да се зголемат субвенциите

Пемова: Да престане увозот на праски и да се зголемат субвенциите

Доделувањето 6 денари за еден килограм праски предадени кај откупувачите во суштина значи никаква поддршка зашто откуп воопшто нема, а кога нема откуп, тоа значи дека земјоделците не предаваат праски за да добијат дополнителна поддршка, порача на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пратеничката Весна Пемова.

Таа реагираше на денешната најава на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој посочи дека се размислува за воведување поддршка од 6 денари за еден килограм предадени праски, за да се помогне на производителите на кои не им се откупува родот.

Пемова побара Владата веднаш да спроведе четири мерки.

Според неа, неопходно е зголемување за 50 отсто на субвенциите за одржување на овошните насади за годинава, но и државата да се вклучи во пронаоѓањето нови пазари, како и да се заштити македонското производство од нелојалната конкуренција.

– Додека македонските праски скапуваат, имаме информации дека се увезуваат преку 1.200 тони евтини праски од соседството. Државата итно да се вклучи во заштита на македонските земјоделски производи – рече Пемова.

Таа побара Владата итно да спроведе и мерки за целосно обесштетување на овоштарите.