Македонија Пазарните инспектори продолжуваат со казни за непочитување на замрзнатите цени

Пазарните инспектори продолжуваат со казни за непочитување на замрзнатите цени

Најголем дел од казните биле издадени за прекршување на Законот за трговија, потоа за прекршоци според Законот за финансиска дисциплина

Фото: Мета.мк

Над 500 инспекциски надзори на целата територија на државата извршил Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатата седмица. Во периодот од 20 до 26 март пазарните инспектори издале над 180 прекршочни платни налози со вредност над 6,5 милиони денари.

Најголем дел од казните биле издадени за прекршување на Законот за трговија, потоа за прекршоци според Законот за финансиска дисциплина, Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето и Законот за енергетика.

Државниот пазарен инспекторат информираше дека минатата седмица биле извршени и над 130 инспекциски надзори по одлуките на Владата за замрзнување на цените на одредени производи.

„Во некои економски субјекти констатирани се 6 прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 754.000 денари“, информираат од пазарниот Инспекторат, од каде додаваат дека законите ќе важат исто за сите и секој што нема да ги почитува ќе биде санкциониран.