Дописници Патот кон депонијата Русино повторно е блокиран

Патот кон депонијата Русино повторно е блокиран

Повторно е воведена блокадата кон Русино за камионите на Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Тетово. Жителите од гостиварсктие села не дозволуваат да се носи тетовскиот смет до Русино, поради како што велат, непочитувањето на точките од договорот кој е склучен меѓу нив и ЈКП Тетово.

– Се договоривме да се носи сметот во 1 часот по полноќ, но оваа точка од договорот не се почитуваше од страна на ЈКП Тетово. Не се исчисти ниту патот до Русино, каде требаше да се исполнат минимални услови за депонирање на смет. Поради непочитувањето на договорот, блокадата за камионите на ЈКП Тетово ќе важи се додека не се почне со исполнување на точките од договорот – велат жителите.

Според договорот, тетовскиот отпад во Русино требаше да почне да се транспортира од 19 август во 1 часот по полноќ, откако ќе се подготви теренот за складирање на сметот. Поради блокадите, тетовскиот отпад во оваа депонија не се транспортираше четири месеци.

Поради блокадата кон Русино, но и отежнатото носење на тетовскиот отпад до депонијата Дрисла, изминативе две недели на претоварната станица за смет во Тетово, секојдневно се трупаат стотици тони отпад.