Видео Бугарскиот историчар Пасков: Македонија за нас е многу повеќе од Киев за...

Бугарскиот историчар Пасков: Македонија за нас е многу повеќе од Киев за Русија

Македонија е особено важна тема во политичкиот живот на Бугарија, оцени бугарскиот писател, историчар и блогер Пламен Пасков во дебатата за Првата светска војна која ја организираше рускиот портал „Правда“.

– Македонија за нас е многу повеќе од тоа што Киев е за Русија. Тоа е свето место. Охрид бил средновековната престолнина на Бугарија, на цар Самоил. Таму свети Климент Охридски ја создал нашата азбука, која и денес ја користиме. Ја направил на барање на бугарскиот кнез Борис, а ја отворил и првата препишувачка школа – вели Пасков.

Бугарскиот писател потсетува дека во 1915 година, Австро-Унгарија и Германија ѝ ја ветиле Македонија на Бугарија за таа да се вклучи во нивниот сојуз, но оти војната завршила трагично и Бугарија, како поразена страна, изгубила дел од својата територија и народ.

Олеј Ајрапетов, руски историчар и гостин-професор на Московскиот државен универзитет, вели дека Бугарија со крајот на Првата светска војна изгубила сè.

– Конечниот резултат од Првата светска војна беше распад на Бугарија. Изгуби сè. Го изгуби излезот на Егејско Море и голем дел од Македонија. Културното тело на бугарската нација беше поделено. Македонија продолжи со својот процес и целосно се оттргна од Бугарија – рече Ајрапетов.