Главна секција Партиите имаат рок до понеделник да предложат решенија за медиумите

Партиите имаат рок до понеделник да предложат решенија за медиумите

Денеска нема да се одржат средби на работните групи за медиумите. По предлог на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, политичките партии треба да предложат можни решенија кои ќе ги презентираат в понеделник. Вчерашната средба на претставниците на партиите во Клубот на пратеници, пак, траела само еден час.

В понеделник партиите треба да ги кажат своите мислења во оваа сфера, особено како тие би се одразиле на изборите закажани за 24 април.

Не само што ќе се бара начин за балансирано медиумско известување за време на изборите, треба да падне договор и за промена на раководството на МРТВ, агенцијата МИА и за нов состав за советот на Агенцијата за медиуми.

Преговорите за медиумите беа прекинати минатиот месец поради итноста да се договори експертскиот состав на Државната изборна комисија.