Свет Европа Париз се сеќава на жртвите од минатогодишните терористички напади

Париз се сеќава на жртвите од минатогодишните терористички напади

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, и други високи државни функционери денеска присуствуваа на специјална церемонија на која беше оддадена почит на сите жртви од терористичките напади што минатата година се случија во Париз.

Оланд и градоначалничката на Париз, Ан Идалго, ја открија комеморативната плоча, поставена во знак на сеќавање на жртвите од нападот на парискиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“ и на супермаркет во источниот дел на градот, пред една година, како и на убиените во терористичките напади на 13 ноември.

Церемонијата се одржа на Плоштадот на Републиката, кој стана симбол на солидарноста на жителите на Париз по нападите.

На Плоштадот на Републиката е засаден даб висок 10 метри, како „дрво на споменот“, во чие подножје е поставена комеморативната плоча.

Во терористичките напади мината година во Париз беа убиени околу 150 луѓе, а неколку стотини беа ранети.