Главна секција Палмер: Опозицијата да размисли што нуди Договорот од Преспа

Палмер: Опозицијата да размисли што нуди Договорот од Преспа

Метју Палмер, в.д. заменик-помошник на Државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, по денешните средби со Христијан Мицкоски и со премиерот Зоран Заев, упати порака на опозицијата дека треба сериозно да размисли што нуди Договорот со Грција за Македонија. Тој се обрати и до македонскиот народ, дека треба да се искористи моментот за историски важна одлука.

-На опозицијата и порачав и ќе продолжам да ја пренесувам таа порака дека на оваа ситуација треба да ја гледа стратегиски, да ја стави Македонија на прво место, и да мисли за иднината на младите луѓе, и што како иднина нуди Договорот од Преспа како европска иднина на Македонија, што отвора како можности и да најдат начин како да ја поддржат оваа европска иднина, рече Палмер по средбата во Владата со Заев.

Тој претходно се сретна со Мицкоски и со претседателот Ѓорге Иванов. вечерва треба да одржи средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Американскиот дипломат го нарече референдумот за Договорот од Преспа историски момент за Македонија и порача оти се надева дека граѓаните ќе излезат на референдумот да го кажат својот став.

„Македонија веќе доби историска покана од страна на НАТО, а доби и јасен пат за пристапни преговори со ЕУ. Референдумот на 30 септември ќе биде важен датум. Се надеваме дека граѓаните ќе излезат да гласаат да го кажат својот став и дека ќе го направат тоа во атмосфера ослободена од дезинформации и обесхрабрување. Ова е навистина историски момент за Македонија и Договорот од Преспа ја отвора европската иднина за Македонија – рече Палмер.