Македонија Отворена изложбата „Иднина е женски род“

Отворена изложбата „Иднина е женски род“

Изложбата ќе може да ја погледнат посетителите на Ист Гејт Мол од 8 март до 8 април 2023 година

Извор: Делегација на ЕУ во Скопје

На Меѓународниот ден на жената, евроамбасадорот Дејвид Гир, првата дама Елизабета Ѓоргиевска и вршителот на должноста постојан координатор на ОН Моника Сандри ја отворија изложбата „Иднина е женски род“ во Ист Гејт Мол во Скопје.

Изложбата е составена од 12 приказни за извонредни жени кои ги кршат бариерите и стереотипите и докажуваат дека полот не е пречка, туку можност. „Иднина е женски род“ е за 12 извонредни жени од различни сфери на животот: 1. Кристина Атовска, воен известувач; 2. Фатма Бајрам Аземовска, активист за правата на Ромите; 3. Бисера Чадловска, диригент; 4. Стефанија Димеска, пилот; 5. Снежана Караџовска, тркач со попреченост; 6. Магдалена Јанчова, пчелар; 7. Дороти Пачкова, активист за правата на самохрани родители; 8. Марта Пејоска, филигранист; 9. Елизабета Петковска, занаетчика со попреченост; 10. Ива Пројковска, фудбалски судија; 11. Макфире Шаќири, возач на автобус и 12. Ленче Здравкин, филантроп.

Инспирирана од македонскиот поет и романсиер Петре М. Андреевски, Елизабета Петковска објаснува дека иднина е женски род затоа што жената е како троскотна трева а некои ја викаат коштрава – колку сакаш куби ја, корни ја, таа не умира, туку ја чека можноста и пак ќе се фати посилна и поубава од порано.

Извор: Делегација на ЕУ во Скопје

Амбасадорот Гир и Микела Матуела, вршител на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, на протагонистите на изложбата им поделија романи од 4 македонски авторки.

Изложбата „Иднина е женски род“ е поставена по повод Меѓународниот ден на жената од страна на Делегацијата на Европската Унија и Јуроп Хаус Скопје, во партнерство со ОН. Дизајните ги изработи Зоран Кардула. Изложбата ќе биде отворена за посетителите на Ист Гејт Мол од 8 март до 8 април 2023 година.