Свет Балкан Откриен споменик на цар Самоил во Софија, очите, сепак, нема да му...

Откриен споменик на цар Самоил во Софија, очите, сепак, нема да му светат

Со почесна гарда и со биење на камбаните на храмот „Александар Невски“, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев денеска во центарот на Софија го откри споменикот на цар Самоил.

– Света должност и историска одговорност на секој народ е да го одржи во живот сеќавањето на своите предци. Славно место во пантеонот на историската слава е определено за цар Самоил -владетелот кој во еден од најтешките периоди успеал да ја одржи бугарската држава – рече патријархот Неофит, кој лично го освети споменикот, донација од д-р Милен Радевски и од неговата фондација „Бугарска меморија“.

Споменикот, кој е дело на скулпторот Александар Хајтов и е висок 6,2 метри, деновиве предизвика дебата на социјалните мрежи и на форумите во Бугарија не само поради неговата локација, туку и поради информацијата дека очите на цар Самоил ќе светат навечер. Хајтов во споменикот инсталирал опрема што би ги осветлувала очите на споменикот, но на барање на Градот Софија, таа нема да биде активирана.

Бугарскиот претседател на откривањето на споменикот рече дека коските на цар Самоил треба да се вратат во Софија.

– Треба да се потрудиме коските на цар Самуил да се вратат во неговата родна бугарска земја. Бугарија не треба да се смири додека тоа не се случи и тоа токму во црквата „Св. Софија“ – рече Плевнелиев.

Бугарските медиуми јавуваат дека официјална Софија, во рамки на одбележувањето на илјадагодишнината од смртта на цар Самоил, има поднесено барање до Атина за враќање на неговите мошти, кои, како што се наведува, се наоѓаат во солунскиот Музеј за византиска култура.