Македонија Осудениот за двојното убиство во Вевчани сведочеше пред Врховниот суд

Осудениот за двојното убиство во Вевчани сведочеше пред Врховниот суд

Педесет и осумгодишниот Здравко Србаковски, осуден на доживотна казна затвор за двојното убиство во Вевчани, кое се случи кон средината на август 2014 година, денеска сведочеше пред Врховниот суд и побара намалување на казната.

Србаковски, вечерта на 13 август 2014 година, со пиштол ги застрела и ги уби 23-годишниот Мате Ѓурчески и 43-годишниот Владо Попески, сопственик на кафеаната „Пјаца“ во Вевечани, во која се случи убиството.

Тој денеска пред судот, како што пренесува „Телма“, не го негирал убиството. Тврдел дека немал намера да убие, а вечерта кога се случил инцидентот, бил испровоциран и навредуван.

Србаковски побарал од Врховниот суд наместо доживотна затворска казна, да добие 15 или 20 години затвор, со оглед на неговата возраст.

Денешното сослушување во Врховниот суд беше отворено за јавноста и беше дозволено целосно следење и снимање на седницата од новинарите, што не беше случај претходно.

Судењето го водеше претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, а во советот беа и нејзиниот претходник, Јово Вангеловски, и уште тројца судии. Седницата ја следеа и студенти од Правниот факултет.

Врховниот суд дополнително треба да донесе и да ја соопшти одлуката по жалбата на осуденикот.